РЕЗЕРВИРАЈ СМЕСТУВАЊЕ

ИНТЕРВЈУ: ГИР ОЛСЕН, НАДВОРЕШЕН КОНСУЛТАНТ НА СКИЈАЧКИОТ ЦЕНТАР МАВРОВО

Гн. Олсен што ново можеме да очекуваме во Маврово во следните 2, 5 или 10 години?

Никој не може целосно да предвиди што ќе биде, но планот е Маврово да биде многу безбедно место и да има снег секоја година, под гаранција на системот што создава снег. Ќе ги подобриме условите на снежните падини, ќе има и подобрување на објектите во планината а најважно од сè е ресортот да биде отворен постојано во текот на летото, односно да понуди летни активности. Тоа ќе биде, секако, реализирано во наредните години.

Кои се предностите кои Маврово со добра инвестиција може да ги има во однос на големите регионални конкуренти како оние во Бугарија, Србија и Косово?

Ако ја видите позицијата, Маврово им конкурира на понудите во Грција и Албанија. Не е важно колку голем ќе стане Центарот и дали ќе може да се носи со конкуренцијата, туку најважно е да се развие како што треба. Најважно од сè е да има млади луѓе подготвени да живеат тука постојано, да работат, да учат и да има услови за една локална заедница. Потребна е постојана работна сила што ќе сака да живее тука и да се отвораат работни места. Целта е, годишно, бројката на туристи да се зголеми од сегашните 150.000 на 500.000 посетители. Треба да се создаде една работна база која ќе ги задоволи сите кадровски потреби на ресортот. Треба да работиме на идентитетот на Маврово и да го претставиме како специјално место а не да правиме копија од другите центри. Има работи во кои сме добри овде, како храната, сточарството, автентичниот начин на живот, средината. Ова ќе биде вклучено, но не знаеме до кој степен.

Како може овој „бисер“ да стане популарен кај странските туристи и кои ќе бидат таргет-групите на потенцијално нови посетители?

За да стане популарно, треба да го задржи својот идентитет. Местото е веќе популарно и атрактивно. Сум работел на многу ресорти во Русија и Чешка. Ова место веќе е специјално, поврзано е со заедницата и има многу историја. Треба тоа да се разбере на подобар начин. Ова е место кое може да понуди нешто ново на странските туристи кои веќе виделе речиси сè. Но, овде ќе видат како сирењето и виното се служат на посебен начин. Таргет групите ќе бидат многу различни, особено во лето. Ќе биде и добро место за еднодневно застанување на луѓе кои минуваат на потегот Грција - БиХ а тука има прометно движење. Некои ќе сакаат да застанат, да имаат оброк и да преспијат. Треба да има и различни пакети и за туристи кои сакаат да се задржат подолго, но треба да бидат активни. Од семејства до млади луѓе кои сакаат да возат велосипед, да возат кајак и да ја истражуваат областа. Како и да е, ќе бараме различни типови клиенти.

 

Mavrovo

Колку „простор“ има центарот за максимално да ги исцрпи своите можности и какви краткорочни и долгорочни настани му недостигаат на Маврово?

Истражувајќи го целиот терен, има оптимален капацитет да биде ползуван од 500.000 посетители годишно, што е и целта да се оствари. Нема да имаме Олимпијада, тоа е сигурно, но местото има историја, веќе правиме снег, имаме сноубординг и алпско скијање. Маврово има историја на спортски настани. Просторот за крос-кантри е неограничен. Тоа е веќе стандардизирано и одобрено. Има услови и за спортување на лето. Секако, тука е и забавата. Може да се организираат забави за викенд и концерти или бикини-скијање, како што тоа го прават Русите. Ќе се создадат подобри услови за посетители кои сакаат едноставно само пешачење а се планира и поголем уреден парк за повеќе активности.

Кои се проблемите со кои се соочува ресортот и треба да бидат ефикасно надминати?

Знаеме дека има многу стари и одминати нешта кои треба да се модернизираат и да се прилагодат на новите потреби на луѓето и нивните очекувања. Мора да се тргне ѓубрето од природата и патиштата. Многу е важен првиот впечаток а луѓето гледаат отпадоци. Тоа е основа за развој на туристички центар, односно да нема воопшто ѓубре. За тоа не е потребно да се бара помош само од Владата, туку секој треба да тргне од себе. Но, гледам дека особено кај младите е развиена таа свест и треба да помогнат да го направиме тоа.

Можно ли е да се организира натпреварување од висок калибар во иднина на ова место?

На европско ниво може да се конкурира како тоа во Сљеме, Марибор, Банско. ЕСФ секогаш е заинтересирана да најде нови интересни места и да го популаризира спортот таму. Можно е ФИС натпреварување со висок квалитет. Мора добро да се организира, да има добри млади скијачи и децата добро да се тренираат од мали нозе.

Какви профили на работници ќе бидат потребни за да се оствари овој план?

Ова место е добро по тоа што функционира како мал град и според тоа, ќе може и да се задржат работниците. Ќе бидат потребни одржувачи на ски-лифтови, на машините кои создаваат снег, луѓе кои ќе ги рамнат скијачките патеки навечер, како и такви за скијачка патрола кои ќе се грижат за безбедноста на гостите. Ќе биде потребно да се вработат 150 нови работници во скијачкиот центар. Мора да се разбере дека скијачкиот центар е основата на развојот на целото место, тој е моторот. Со инвестирање во скијачкиот центар, ќе се отворат и други работни места и ќе се зголеми потребата од кафулиња и други угостителски објекти и услуги.

Кога ќе биде изготвен планот пред да започнат инвестициите?

Студијата е наменета за многу амбициозен проект и ќе биде готова до крајот на годината. Инвеститорот ќе го види потенцијаот, работиме непосредно со него. Ова е долгорочен процес.

 

Александар Кузмановски | Faktor.mk