Научи го Маврово
10 Велосипедски кружни викенд тури во Маврово
Може ли да ни се претставите?
Јас сум Новица Синадиноски роден во Гостивар, живеам и работам во Маврово.
Управител на Ски Авантура школа и опрема за скијање која заедно со други ски-школи ја опслужуваат планината и создаваат нови скијачи во зима.
Во лето изнајмуваме електрични велосипеди и водиме тури во планина. Скоро секоја година сме горди освојувачи на тронот на Прв до врв трка за електрични велосипеди која се вози на Водно и мисијата ни е да носиме велосипедисти од град во планина. Не сме многумина, но барем сме ентузијасти.
Која е Вашата омилена тура и дали ќе се вози таа ова лето?
Омилена тура, која секако ќе ја возиме ми е „52-ка“, должината и е од 25 до 30км и трае од два до три часа, зависно колку скршнувања ќе направиме попатно. „52-ка“ минува низ ски центарот, преку скијачките патеки, покрај буквите Маврово и највпечатливите пејсажи низ Маврово.
Што е целта на оваа иницијатива организирана од Ресорт Маврово и “Пријателите на Маврово“?
Оваа иницијатива ја развивме заедно со тимот на Ресорт Маврово со цел да им покажеме на љубителите на природата како може да уживаат во адреналинските спортови во лето и да не бидат сами во тој подвиг.
Не е тајна ако споменеме дека скоро сите добри скијачи и сноу бордери се подеднакво добри во планински велосипедизам. Во Македонија планинскиот велосипедизам сеуште се развива и затоа е потребно водство исто како за скијањето. Во Маврово ние сме домаќини и чувствуваме обврска да им го покажеме на гостите .Во група е полесно да се почне и да се научат патеките. Ресорт Маврово и пријателите на Маврово заедно поддржаа повеќе иницијативи изминативе 3 години со кои се развиваше содржина и попусти и пакети за зимска сезона. Од оваа година почнуваме да правиме и бесплатни пакети за летна сезона. Овие тури се сосема бесплатни за учесниците.
Каде се ќе се вози и како се организирани турите, кој може да дојде и што да понесе?
Велосипедските тури тргнуваат од паркингот пред хотел Спорт секоја сабота во 10:00 часот. Учесниците на турата мораат да имаат велосипед за планински велосипедизам, кацига, ракавици, вода и овошје/ енергетски барчиња со себе. Тие кои сакаат да изнајмат Е-Бајк мора да ни се обратат на телефонскиот број 071 50 60 70 и да дојдат еден час порано во просториите на Ски Авантура. Ќе имаме една побрза и една поспора група а тежината на секоја тура ќе биде навремено назначена во најавата на секоја тура. Ќе бидеме двајца водичи и бројот на учесници не е безграничен, потребно е да се најавите.
Секој викенд ќе возиме нова тура и ќе ги видиме Врбен, Јамбол, Мал Маратон, Околу Езеро, Мал Маратон преку Леуново, Галичник, Ски центар, 52-ка, Никифорово, Кичиница.
Турите завршуваат кај Ратрак каде Ски комедија ќе не послужат со бургери и пиво.
Дали нешто не Ве прашавме а сакате да кажете?
Да дојдете во сабота на 6 јули, ќе ја возиме турата до Кичиница, ќе минеме околу 20км за 3-4 часа. Подгответе се добро 😊, ни претстои добра адреналинска авантура.
Доколку ви е потребен Е-Бајк, резервирајте на време.