Како одговор на информациите објавени од страна на skimacedonia.mk во текстот „Кој е поупорен во Маврово“ од 08.02.2024 година, Ресорт Маврово во целот го објавува дописот упатен до редакцијата на Ски Македонија.
Информација од Ресорт Маврово: Имаме снег и скијачи
Почитуван/а,
во име на Ресорт Маврово сакаме да се заблагодариме за вашиот интерес и актуелизирање на моменталните состојби на скијалиштата во Македонија. Вашата опсервација ја сознавме и во објавата на текстот „Kој е поупорен во Маврово" (08.02.2024 година), кој може да се најде на следниот линк: https://skimacedonia.mk/skijanje-web-kameri-koj-e-po-uporen-vo-mavrovo/?fbclid=IwAR0ty-9GHoWUs-76wU86CJk8frBeP573OrP9IMJgKsFqgqXH6Eon69d9mnk
Доколку се чита содржината на текстот се добива впечаток дека вашиот медиум Ски Македонија и Ресорт Маврово, навидум, делат иста визија - промоција на белиот спорт и зимските дестинации, барем за во Македонија.
Вие знаете, но за да ја информираме и македонската јавност, Ресорт Маврово ја поддржа оваа заедничка мисија во знак на добра волја, преку поддршка на идејата на амбасадата на Швајцарија во Македонија, да се постават веб камери и преку вашиот медиум, да се емитува состојбата само на делови од скијалиштето. Потенцираме и укажуваме на зборовите „делови од скијалиштето“. Ова, само по себе значи дека вашите читатели и јавноста не ја добиваат целосната слика за состојбата со скијалиштето и со Ресорт Маврово, што претпоставува ваш ангажман и зголемен интерес за да добиете повеќе информации и правилно да ја информирате македонската јавност.
Нам, сосема ни е јасно дека Ски Македонија е профитна организација, која заработува преку информирање на публиката и огласување, како што е видео стримингот. Но, укажуваме дека изворот на информација која сте ја обезбедиле и ја презентирате во вашиот текст, е недоволен и некомплетен, дава искривена слика за скијалиштето и во последно време, провејува перцепција на потсмев за состојбата во која се наоѓаме. Затоа, укажуваме дека конкретната статија со наслов „Kој е поупорен во Маврово" е неточна и навредлива за вашите читатели и за нас како Ресорт.
Повторно велиме дека Вие знаете, но за да дознае јавноста, споделуваме еден факт: Ресорт Маврово вложи опрема за видео стриминг од дополнителни четири локации за да ја добиваме вистинската состојба на скијалиштето од повеќе агли. Во прилог на текстот доставуваме слики за увид. За реално објаснување на состојбата и за идна добра заедничка соработка, Ве замолуваме да ги имате в предвид реалните факти, кои за жал, не ги читаме во статијата објавена на вашиот портал. Имено:
- годинава наврна помалку од еден метар снег во сите наврати заедно, што доведе до тешка ситуација на сите ски центри во државата. Потполно сме свесни, ја разбираме и прифаќаме агонијата на нашите колеги од сите ски центри, без разлика дали се во државна или приватна сопственост. Потсмевање за состојбата е последното на што би помислиле, иако сме единствениот ски центар во земјава кој работи и во моментот. Останува нејасно зошто оваа временска прилика е основа за ваш потсмев кон Ресорт Маврово и генерално, кон зимската дестинација Маврово, но не е смешна за соседниот Ски Центар кој има идентична количина снег, но воопшто не работи.
- Ресорт Маврово инвестира во секое парче опрема и во секоја содржина за скијање во Македонија. Изминативе пет години се инвестирани 3.9 милиони евра капитални инвестиции, кои неизвесно е дали ќе се вратат. Оттука, неспоредлива е пропорцијата на инвестиции на Вашата опрема која ја поставивте (благодарение на донации) со опремата која ја набавуваме за да имаме функционален ски центар во државата. Заснежување на целото скијалиште, вклучително и на делот каде е поставена камерата на Ски Македонија, би значело дополнителен систем за заснежување во износ од 1.5 милиони евра. Ниту еден ски центар не може овие средства да ги генерира сам ниту во период од 10 години. Секако на нашата листа е и заснежнувач, но не приоритет во моментов.
- Ресорт Маврово вработува повеќе од 80 лица од Полошкиот регион, кои остануваат на платниот список во текот на целата година. Дополнително, ангажираме ски Патрола (со 12 луѓе), лекарска екипа (тим од 6), ски рентал и 4 ски школи (со 15 луѓе), ски клубови (2) и опслужување на бачила (25 лица). Севкупно, тоа се повеќе од 115 работници кои секојдневно се трудат да овозможат пријатен престој на планина, да покажат каде има снег на патеките на Галичко бачило, двоседот и едноседот и да ги викнат туристите на гости.
Во вашиот текст, колку што ги познаваме правилата на новинарството, не е опфатена и консултирана другата страна. Иако и досега сте биле во контакт со Ресорт Маврово, досега не добивме барање за информација и изразување на нашите ставови во однос на оваа состојба. Нам ни значи фактот што многу наши пријатели, пријатели на Ресорт Маврово, реагираат дека опсервацијата на состојбата која Вие ја опишувате е тенденциозна и нереална. Затоа што, во Маврово има скијање и снег на локации кои вашата камера не ги презентира. Потребно беше да се јавите, да побарате дополнителни информации од нашите камери и на тој начин, ќе добиевте и ќе презентиравте пореална слика од скијалиштето.
Од друга страна, се надеваме дека сте свесни дека ваквите написи засегаат нечии животи и влијаат на одредени планови на нашите посетители за тоа каде ќе ја поминат зимата и каде ќе скијаат. Фер е читателите да знаат дека заработувате и од дополнителна дејност со организација на скијачки тури во скијачки центри во Франција. Се надеваме дека ова не влијае на опсервацијата на реалноста за македонските скијалишта. Ваквите написи ги оценуваме како штетни за репутацијата на Ресорт Маврово.
Затоа, бараме да ги споделите линковите од нашите веб камери, да го споделите овој текст и на тој начин, да ја презентирате вистинската состојба со скијалиштата во Ресорт Маврово. И во иднина, секогаш стоиме на располагање за споделување на информации за нашиот Ресорт за правилно информирање на Вашата публика.
Со почит
Ресорт Маврово
Состојба на скијачките терени од 09.02.2024 година: